Недостатокот на пристап до грчките плажи кое го потенцираше „Движењето пешкир“ ја натера грчката влада да продолжи со инспекциите на плажите.
Во тој контекст, од 8-ми до 11-ти август, извршени се 1.312 дополнителни проверки на приватни лица и деловни субјекти кои управуваат со плажите при што локалните инспекциски служби открија 413 прекршоци. Овие проверки се додаваат на 918-те извршени во периодот од 21 јули до 7 август, кога се констатирани 336 прекршоци.
Според тоа, проверките извршени во четиридневниот период 8-11 август се за 43% повеќе од оние во периодот 21 јули-7 август и нивниот вкупен број изнесува 2.230, додека откриените прекршоци се 749. Проверките се извршени потоа со мобилизирање на сите раководители на Службите за недвижности, со укинување на летните одмори и преместување на вработените во служби кои имаа недостиг на кадар со цел да се изврши навремена контрола во максималниот можен број бизниси.
Во контекст на наредбата дадена од министерот за национална економија и финансии, Костис Хаџидакис, до Генералниот секретаријат за јавен имот за интензитетот на проверките на плажите низ во Грција, во досегашниот извештај се наведува дека во периодот од 8 до 11 август извршени се проверки на 1.312 деловни и физички лица, во 38 подрачни единици со акцент на туристичките области. Извршени се индикативни проверки во 44 бизниси на Халкидики, 90 во Магнезија, 109 во Киклади и Додеканези, 138 на Крит и 191 на Пелопонез.
Контролите откриле 413 прекршоци кои се однесуваат на надминување на зафатената површина надвор од закупениот простор, а во одредени случаи зафаќање плажа без закуп односно произволно користење.
Исто така во периодот од 21 јули до 7 август се извршени проверки на 918 деловни и физички лица, при што се констатирани 336 прекршоци. Според тоа, од 21 јули до 11 август вкупниот број на проверки е 2.230, а вкупниот број на прекршоци е 749.
Инспекторите за прекршителите во зависност од тежината на прекршокот изрекоа парични казни, отстранија нелегално поставени чадори и лежалки, некои самоволни градби се урнати, а против некои бизнисмени беше поведена и кривична постапка.
Инспекциите низ Грција, а особено во популарните туристички дестинации ќе продолжат и во текот на целата летна сезона со цел, како што истакна Министерството за национална економија и финансии, да се почитуваат условите од договорите потпишани со стопанствениците, да се обезбеди пристап на граѓаните до плажите согласно правилата на Уставот и да се заштити имиџот на грчкиот туристички производ.
Министерот за национална економија и финансии, Костис Хаџидакис, во врска со ова рече: „На оние кои упорно ја доведуваат во прашање нашата волја да наметнеме законитост на плажите и на оние кои упорно се обидуваат да го одржат режимот на беззаконие „од задна врата“ им порачуваме дека исто толку упорно ќе продолжиме со напорите за спроведување на законот. Проверките ќе продолжат и во наредниот период, а воедно продолжуваме, наскоро, со ревидирање на соодветната законска регулатива за закуп на плажи“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.