Претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен, која вчера во Скопје ја започна својата четиридневна посета на земјите од Западен Балкан, денеска ќе го посети Косово, каде што ќе се сретне со претседателката на државата Вјоса Османи и со премиерот Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што се наведува во соопштението од кабинетот на Османи, нејзината средба со претседателката на ЕК ќе започне во 13 часот и 15 минути.

Високата европска претставничка подоцна ќе се сретне со премиерот на Курти, а оваа средба е предвидено да започне во 14 часот и 40 минути.

Таа вчера попладне во Скопје беше пречекана од македонскиот вицепремиер Бојан Маричиќ, по што беше примена од претседателот на Македонија Стево Пендаровски, а се сретна и со собранискиот спикер, Талат Џафери.

Посетата на Македонија Фон дер Лајен ја продолжува претпладнево со средба со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, а македонската делегација, која ќе се сретне со неа ја сочинуваат и Артан Груби, прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедницитa, Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски прашања, Бујар Османи, министер за надворешни работи, Благој Бочварски, министер за транспот и врски, Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање и Азир Алиу, министер за информатичко општество.

По Приштина, Фон дер Лајен ќе ја продолжи балкансаката турнеја во Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина.

Како што е најавено од Брисел, за време на посетата на главните градови на Западен Балкан, претседателката на Европската комисија ќе ја претстави Инвестициската рамка за Западен Балкан, која е заедничка иницијатива на Европската Унија, финансиските институции и донаторите, насочена кон социо-економскиот развој и европската перспектива на земјите на Западен Балкан.

Инвестицискиот пакет планиран од Унијата за развој на регионот изнесува шест милијарди евра, од кои 2,1 милијарди евра грантови и четири милијарди евра кредити, со тоа што оваа помош за регионот ќе биде условена од степенот на спроведените реформи во секоја од земји одделно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.