Бугарската Влада соопшти дека премиерот Кирил Петков на 18 јануари ќе ја посети Република Македонија, а повод за посетата, наведе, е 30-годишнината од признавањето на независната македонска држава од страна на Бугарија.
Петков ќе биде придружуван од министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска, како и од министерот за транспорт и врски, Николај Сабев.
Утрово и македонското МНР информираше дека висока делегација од Република Бугарија предводена од премиерот Петков на 18 јануари ќе ја посети земјава.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, повикувајќи се на соопштението од бугарската Влада, посетата ќе означи нов почеток во развојот на билатералните односи меѓу Бугарија и Република Македонија и ќе ги претстави следните чекори што двете влади ќе ги преземат за решавање на отворените билатерални прашања.
Треба да го промениме нашето разбирање за тоа што значи Република Македонија да преговара со ЕУ и да биде дел од неа во иднина. Ајде да зборуваме за сите придобивки што ќе ги имаме ние и Република Македонија од овој процес, се цитира во соопштението изјавата на премиерот Петков.
Според македонското МНР, посетата е планирано да се реализира веднаш по стапувањето во функција на новата Влада на Република Македонија.
Со тоа, двете држави сведочат за важноста која ја придаваат на меѓусебните односи и соработка. На средбите се очекува да се реафирмираат досегашните резултати и постигнат напредок, како и да се воспостави дополнителна интензивна комуникација во насока на надминување на разликите за важни билатерални прашања меѓу двете земји, наведува МНР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.