На локалните избори што вчера се одржаа во 89 градови и општини во Србија, според првите проценки на невладините организации Цесид и Ипсос, изборната листа на СНС освои најмногу гласови на локалните избори во Белград, Ниш и Нови Сад.
Претседателот на СНС Милош Вучевиќ изјави дека СНС освоила мнозинство гласови во речиси сите градови и општини, а претседателот Александар Вучиќ прогласи изборна победа, јави дописникот на МИА од Белград.
Според проценките на Цесид и Ипсос врз основа на 92,6 отсто од обработениот примерок, листата на СНС и СПС „Белград утре“ освоила најмногу гласови – 52,9 отсто.
На второ место е опозициската листа „Крени промени“ со 17,5 отсто од гласовите, додека на третото место според проценките е листата на опозицијата од поранешната коалиција Србија против насилството-„Го бираме Белград“ со 12,3 отсто.
Четвртото место го зазеде листата „Ние силата на народот“ со 9 отсто, а во собранието на Белград ќе влезе и руската партија со 1,2 отсто.
Другите листи, според проценките, не освоиле доволен број гласови за да го поминат цензусот. Проценетата излезност во главниот град е 46,9 отсто.
Во Нови Сад, врз основа на 89 отсто од обработени примероци на Цесид и Ипсос, најмногу гласови освоила листата на СНС „Нови Сад утре“ – 53,1 отсто.
Следува листата „Обединети за слободен Нови Сад“ со 24 отсто, а на трето место е листата на „Крени промени“ со 9,8 отсто гласови.
Според проценките, четвртото место го зазеде листата „Хероји“ со 3,8 отсто од гласовите, а во парламентот на Нови Сад ќе влезе и Сојузот на војводинските Унгарци со 1,2 отсто.
Во Ниш според проценките врз основа на 93,2 отсто од обработениот примерок, најмногу гласови освоил листата на СНС „Ниш утре“ – 44,5 отсто.
По неа следи групата на независни граѓани „Д-р Драган Милиќ“ која добила 24,4 отсто од гласовите, додека на трето место е опозициската листа „Го бираме Ниш“ со 15,9 отсто.
Во парламентот на Ниш ќе влезат и листата „Крени промени“ со 3,9 отсто и Руската партија со 1,1 отсто од гласовите.
Носителот на листата „Д-р Драган Милиќ“, доктор Драган Милиќ, изјави дека од вечерва Ниш е слободен град и посочи дека нема да има соработка со Српската напредна странка.
-Од вечерва, невидливата рака на Белград никогаш повеќе нема да управува со нашиот град. Нишлиите ќе се прашуваат што, каде, како и кој. Ги надминавме политичките разлики, Ниш ни беше во наш интерес, изјави Милиќ за новинарите во центарот на Ниш.
Од друга страна, Драгослав Павловиќ, првиот на листата на СНС „Го бираме Ниш“, на прес-конференција рече дека нивната листа заедно со Руската партија може да формираат власт во градот.
Кандидатот на листата на СНС-СПС „Белград утре“ за градоначалник Александар Шапиќ изјави дека врз основа на 81,5 обработени податоци таа листа освоила 53 отсто од гласовите, односно 64 мандати, со што ќе може самостојно да ја има власта во собранието на град Белград кои брои 110 одборници.
Добрица Веселиновиќ од опозициската изборна листа „Го бираме Белград“ изјави дека СНС во Белград сама ќе може да формира власт, но дека „и во тој мрак има бастиони на слободата“. Според нивните податоци, рече тој, опозицијата ќе може да формира власт во централната градска општина Стари град.
Според прелиминарните резултати во Чачак, листите кои се изјасниле како опозициони освоиле 53 отсто од гласовите, додека коалицијата собрана околу СНС добила 47 отсто од гласовите на гласачите, изјави Павле Јелисијевиќ од ГГ „Разбуди се Чачак“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.