Партијата ВМРО-БНД, на Красимир Каракачанов, за претстојните предвремени парламентарни избори ќе предложи спојување со партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов и „Бугарски подем“ на поранешниот вршител на должноста премиер Стефан Јанев, јави дописникот на МИА од Софија.
Од ВМРО-БНД соопштија дека ги повикуваат сите формации кои се сметаат себеси за патриоти, како и оние кои не го одобруваат францускиот предлог за членство на Македонија во Европската Унија, што Бугарија го прифати пред еден месец, да се приклучат на „бугарофилите“. Според медиумите во Софија, оваа генерална коалиција за претстојните предвремени парламентарни избори во Бугарија може да се нарече „коалиција Македонија“.
Одлуката на ВМРО-БНД да се појави во широка коалиција е донесена на состанок на раководството на партијата. На разговорите ќе бидат поканети поранешниот вршител на должноста премиер на Бугарија Стефан Јанев и неговата нова партија „Бугарски подем“. Јанев ја дефинираше својата партија како национално-конзервативна кога беше создадена, која идеолошки е блиска до ВМРО-БНД.
Локалните медиуми јавуваат дека партијата на поранешниот привремен премиер може да коалицира со партијата на поранешната омбудсманка Маја Манолова, „Стани, Бугарија“, која беше многу активна на протестите против владеењето на Бојко Борисов во 2020 година. ВМРО-БНД ќе бара разговори и со нивните поранешни партнери од Националниот фронт за спас на Бугарија на поранешниот вицепремиер Валери Симеонов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.