Словенечкиот претседател, Борут Пахор, ја потпиша одлуката за одржување парламентарни избори во Словенија в недела, на 24 април.
Како што истакна Пахор по потпишувањето на одлуката, се одлучил за првиот можен датум по консултациите со политичките партии пред два месеци и смета дека на овој начин ќе се овозможи Словенија да добие нова влада пред летната пауза на Парламентот.
Пахор изјави дека по конституирањето на новиот парламент и консултациите со партиските лидери, ќе му даде мандат за формирање нова влада на кандидатот кој очигледно има поддршка од апсолутното мнозинство во 90-члениот словенечки Парламент. За таа цел тој ќе побара да му бидат доставени 46 потписи за поддршка на кандидатот за мандатар.
Знам дека таквата постапка не е пропишана норма – изјави Пахор, додавајќи дека на таква одлука бил поттикнат од искуството по парламентарните избори во 2018 година.
Тогаш Пахор го даде мандатот за состав на новата влада на претседателот на Словенечката демократска партија (СДС) Јанез Јанша (актуелен премиер), бидејќи таа партија доби релативно мнозинство гласови и мандати, но Јанша подоцна го врати мандатот бидејќи другите партии одбија да влезат во потенцијална коалиција со него.
Јанша дојде на чело на владата во март 2020 година, откако претходната влада на Марјан Шарец го загуби парламентарното мнозинство и поднесе оставка.
Доколку по годинешните парламентарни избори не ги добие заверените потписи од мнозинството пратеници кои поддржуваат еден кандидат за премиер, Пахор рече дека во тој случај прво ќе му го даде мандатот на кандидатот на партијата што освоила релативно мнозинство во парламентот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.