Албанската компанија „Тимак“ го комплетираше првото албанско оклопно возило, кое ќе биде претставено на изложбата за одбрана и безбедност „Еуросатори“ во Париз.

Во претставувањето на прототипот, дизајниран од албанскиот дизајнер Григор Андони, се наведува дека името на првиот ваков автомобил е „ШОТА“.

Арјета Пуца, сопственичка на компанијата вели дека автомобилот бил произведен за многу кратко време, околу три месеци, како и дека веќе имало голем интерес од странски земји и за производство на дронови.

Возилото ќе биде претставено на саемот во Париз од 17 до 21 јуни. Отсега имаме голем интерес бидејќи ни резервираа многу состаноци, не само за ова возило, туку и за другите наши производи. Многу голема побарувачка имаме за дронови. Компании од Полска, Чешка, Украина со задоволство градат фабрики овде во Албанија за производство на воени дронови, изјави Пуца.

Оваа компанија, во која 75 отсто од вработените се жени, извезува санитетски возила во 20 земји низ светот.

Албанската влада подготви Нацрт-закон за производство на оружје „Made in Albania“ со кој се уредува индустријата за производство, истражување и развој на оружје, муниција, опрема и воени технологии, како и нивна трговија.

Сите албански или странски компании кои ќе аплицираат за лиценцирање ќе треба да планираат почетна инвестиција од најмалку 25 милиони евра, а во период од 10 години, се ослободени од данок на добивка а ќе плаќаат ДДВ од 10 отсто.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.