Црногорскиот политичар и еден од лидерите на Движењето „Европа сега“, Јаков Милатовиќ, е новиот претседател на Црна Гора, откако во вториот круг на изборите освои околу 60 отсто од гласовите. Со тоа Милатовиќ стана политичарот кој го симна од власта „вечниот“ Мило Ѓукановиќ, кој досега беше актуелен претседател.

Милатовиќ е големото изненадување на овие избори и додека за неговиот политички живот се знае доста, за неговиот приватен живот нема многу информации.

Тој е роден во Подгорица на 7 декември 1986 година. Завршил економски студии на Универзитетот на Црна Гора во Подгорица, со просечен успех 10 и бил стидент на генерацијата. Магистерски студии завршил на Универзитетот Оксфорд.

Негова најголема поддршка е сопругата Милена, која и при самото гласање привлече големо внимание во јавноста. Уште во првиот круг, при гласањето во Подгорица, Милена ги освои симпатиите и воодушеви со својот изглед  во црвен костум и бела кошула. Беспрекорниот стајлинг го закити со искрена насмевка, со што беше неодолива мета за фоторепортерите.

Милатовиќ во медиумите е претставен како човек „без дамка во кариерата и животот“, пристоен и семеен човек, кој потекнува од семејство кое само по добро го познаваат и таткото и мајката. Велат дека е вреден и неуморен, посветен татко на ќерките Сара и Ана и синот Давид, како и грижлив сопруг.

Според податоците од имотниот лист од 2021 година, Милатовиќ е сопственик на стан од 46 квадрати што го купил. Заедно со сопругата Милена Милатовиќ е косопственик на стан од 68 метри квадратни.

Милатовиќ има 85.000 евра во пензискиот фонд, а 7.000 евра на тековната сметка. Сопругата на Милатовиќ има нешто повеќе од 3.000 евра на тековната сметка, а во декември заработила 909 евра.

Милатовиќ, кој поседува и автомобил Рено Меган од 2012 година, има станбен кредит од 70.500 евра, кој го враќа на месечни рати од 452 евра.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.