Вишото јавно обвинителство во Белград формира посебен случај со цел да се утврдат сите околности поврзани со работата и делувањето на Стрелачкиот клуб „Партизан“ каде Владимир Кецмановиќ (48) и неговиот 13-годишен син Коста вежбале пукање.

Според српските медиуми, се утврдува дали со некој внатрешен акт се пропишани условите за користење на услугите на овој стрелачки клуб, дали е дозволен или забранет пристап за малолетници и слично. Побарано е да се утврди и дали таткото е еден од корисниците на Стрелачкиот клуб „Партизан“, дали тој и неговиот син се обучени за ракување со огнено оружје, дали си носел сопствено огнено оружје за пукање, како и дали неговиот син исто така го употребил тоа оружје во стрелиштето.

Потребно е да се утврди колку пати радиологот и неговиот син ги користеле услугите на стрелиштето, дали наведеното момче доаѓало само или во придружба на родителите, дали се занимавале со стрелачки спортови и дали имале обврска да достават лекарско уверение за користење на услугите за рекреативно или спортско гаѓање.

Исто така, потребно е да се утврди дали Стрелачкиот клуб „Партизан“ е дел од Стрелачкиот сојуз на Србија и доколку е, тогаш претставникот на Сојузот треба да се изјасни за сите нему познати околности во врска со работата и на овој стрелачки клуб, како работа на стрелачки клубови на територијата Република Србија.

Здружението треба да се изјасни и дали има акти со кои на клубовите и членовите на Здружението им се определуваат посебни обврски и ограничувања во нивното постапување во рамките на работата и давањето услуги. Побарано е, меѓу другото, да се утврди за кој тип, марка, модел, калибар и сериски број на огнено оружје на В.К., му било дадено одобрение од надлежен орган.

Се проверува и која здравствена установа му издала на В.К потврда за здравствена способност за набавување и држење оружје, дали има обврска за обновување на тоа одобрение, и како надлежниот орган оценил исполнување на сите услови предвидени со Законот за оружје.

К.К.(13) за време на масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Врачар уби 10 лица, меѓу кои девет деца и еден чувар на таа институција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.