Косовската претседателка, Вјоса Османи вели дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден уште еднаш го повтори ставот дека дијалогот меѓу Косово и Србија треба да се концентрира на меѓусебното признавање на двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во нејзиното обраќање пред новинарите по враќањето од САД, каде што престојуваше заедно со премиерот Албин Курти, Османи информира за нивната средба со државниот секретар Ентони Блинкен, кој, како што рече, повторно потврди дека Вашингтон нема да дозволи повреда на суверенитетот на Косово во договорот со Србија.

– Одново е потврдено дека процесот (на преговори со Србија) треба да се концентрира на меѓусебното признавање и ние ги изразивме нашите ставови и го информриравме како стоиме, на пример со договорот за електрична енергија, во фаза на имплементација и за други прашања. Одново е потврден американскит став дека никако нема да турка напред некое прашање кое би го повредило суверенитот и уставниот поредок на Косово, рече Османи.

Таа информира дека на средбата со Блинкен станало збор и за евентуални нови признавања на косовската независност и за зачленување на Косово во меѓународни организации, меѓу другото и за наредните чекори за зачленување во Партнерството за мир на НАТО.

Одговарајќи на новинарско прашање, Османи рече дека со американскиот државен секретар не разговарале за иницијативата Отворен Балкан.

– Што се однесува до Отворен Балкан, на средбата со Блинкен за тоа воопшто не стана збор. Не се ни спомена, рече Османи.

За време на неколкудневната посета на САД, Османи и Курти присуствуваа на потпишувањето договор на косовското Министерство за економија со американската Корпорација за милениумски предизвик, за инвестирање на над 236 милиони долари во косовскиот енергерски систем.

Ова, напомена Османи, е најголема американска инвестиција која Косово ја добило од САД за енергетскиот сектор и ќе придонесе за надминување на евентуалната криза со снабдување со електрична енергија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.