Српската напредна странка (СНС) одржа седница на Претседателството на која беше одлучено нивен кандидат за нов претседател на Народното собрание да биде Владимир Орлиќ (39). Досегашниот пратеник е едногласно избран на предлог на претседателот на СНС, Александар Вучиќ.

Партијата на српскиот претседател, донесе одлука и да се подмлади раководството и на Собранието и на Владата на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Орлиќ ги извршуваше должностите заменик-претседател на пратеничката група на СНС и потпретседател на Собранието. Станува збор за исклучителен млад човек, остварен и образовен, на научен, професионален и политички план. Зад него стојат над 80 научни и стручни трудови. Фантастична биографија, не само за еден млад човек кој сè уште не наполнил четириесет години, туку и за исклучителен борец за демократијата – изјави членот на Преседателството на СНС, Никола Селаковиќ, по завршување на седницата.

Претседателството на СНС донесе одлука и да го стесни изборот на четворица кандидати за идното раководство на пратеничката група на СНС и да го скрати изборот на потпретседател или генерален секретар на Народното собрание на четири кандидати и тоа на Миленко Јованов, Марина Рагуш, Невена Ѓуриќ и Сандра Божиќ.

Еден од заклучоците на седницата е дека Александар Вучиќ е овластен да води разговори за коалицијата за идната Влада на Србија и дека за 10 дена ќе одржиме нова седница на која ќе ги разгледаме кадровските решенија – изјави Селаковиќ.

Досегашниот претседател на Собранието и лидер на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ, вчера изјави дека договорот со претседателот на Србија Александар Вучиќ е новиот претседател на српското собрание да биде од Српската напредна партија (СНС) и дека сè уште е рано да се зборува за кадровски решенија за идната влада.

Членот на Претседателството на СНС, Горан Весиќ, вчера изјави дека е сосема извесно дека СНС ќе формира влада, бидејќи таа партија на изборите освоила 120 пратенички мандати.

Со нашиот традиционален коалициски партнер СВМ (Сојузот на унгарците во Војводина) имаме вкупно 127 пратеници, што е доволно мнозинство за формирање влада – изјави Весиќ и додаде дека СНС на консултациите го известила претседателот Александар Вучиќ дека има до 160 пратеници, што значи удобно мнозинство за формирање влада.

Конститутивната седница на новото свикување на српското Собрание е закажана за понеделник, на 1 август.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.