Оставки поднесоа и српските полицајци на граничните премини „Јариње“ и „Брњак“”

Полициски службеници од  северот на Косово поднесоа оставки во косовската полиција и на административните премини „Јариње“ и „Брњак“, пренесува српскиот национален сервис – РТС.

Оставки, според информациите поднеле и српските полицајци од контролно-надзорниот пункт „Лепосавиќ“, кој се наоѓа во Јариње, на околу 500 метри од административниот премин.

Претходно, повеќе од 300 српски полицајци поднесоа оставки и ги демонстративно ги соблекоа униформите во полициската станица во северниот дел на Косовска Митровица.

(фото: Танјуг)

Во граничниот центар за контрола и надзор во Лепосавиќ има повеќе од 40 српски полицајци кои поднесоа оставки и ги соблекоа униформите, на административниот премин Јариње има околу 30, а исто толку и на Брњак.

Некои од нив поднесоа оставки пред медиумите и ги напуштија просториите на косовската полиција во Јариње, а другите тоа ќе го сторат подоцна.

На патот од Јариње кон Косовска Митровица зголемено е присуството на возила на КФОР, граничната полиција на Косово и на ЕУЛЕКС.

– Оставки се поднесени во косовската полиција, на северот. Од утре нема повеќе српски полицајци на северот на Косово и Метохија – изјавил полицаец кој сакал да остане анонимен.

Оставките на полициските службеници се дел од одлуката на претставниците на Србите на Косово да ги напуштат косовските институции, откако Приштина продолжи со спроведување на планот за пререгистрација на возилата со српски таблички.

Денеска на посебни седници одржани во четири општини на северот на Косово градоначалниците на Лепосавиќ, Северна Митровица, Звечан и Зубин Поток и формално поднесоа оставка од својата функција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.