Опасна за јавното здравје, според министерот за здравство на Грција Танос Плеврис е одлуката на Уставниот суд на Грција да ја прогласи за противуставна мерката за продолжување до крајот на годинава на принудното отсуство од работа за невакцинираните здравствени работници, јави дописничката на МИА од Атина.

Говорејќи за грчката телевизија „Скај“, Плеврис рече дека е обврзан да ја почитува одуката и најави дека враќањето на работа на невакцинираните здравствени работници ќе биде под строги протоколи „за да не се загрози јавното здравје“.

За самата одлука, министерот за здравство на Грција објасни дека судот првичната одлука ја смета за уставна, меѓутоа продолжувањето, оценува дека е неоправдано, бидејќи не постоеле опасностите што биле присутни во првата фаза.

Тоа не значи дека не постои опасност по јавното здравје. На човек кој верува дека ако прими вакцина, ќе добие белег на антихрист или ќе му се измени ДНК, би му верувале да ви биде лекар ако отидете во државна болница? Јас не би му верувал. Овие луѓе, јас ги сметам за опасни. Без разлика дали е затоа што не веруваат во науката, или поради некои други причини, истакна Плеврис.

За протоколите, објасни дека следната седмица надлежната комисија ќе одржи состанок и ќе бидат соопштени дополнителни детали.

Грчката новинска агенција АНА-МПА повикувајќи се на свои извори пишува дека препораките до министерот за здравство се за враќање на работа на невакцинираните здравствени работници да се воведе задолжителен ПЦР или рапид тест два пати седмично, кој ќе биде на нивен трошок.

Мерката за принуден неплатен одмор за невакцинираните здравствени работници во Грција беше воведена во септември 2021 година, првично беше предвидено да биде во сила до 31 март годинава кога беше продолжена до крајот на 2022 година, продолжување за кое Уставниот суд на Грција одлучи дека е противуставно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.