Народно собрание на Бугарија денеска се очекува да расправа за усвојувањето одлука со која се одобрува предлогот на француското претседателство со Европската Унија за преговарачката рамка за Македонија и Албанија.
Ова следува откако вчера членовите на Комисијата за надворешни работи на бугарското Собрание три и пол часа дебатираа за трите предложени решенија за решавање на македонско-бугарскиот спор. По дебатата, Комисијата синоќа го усвои предлогот од лидерот на „Демократска Бугарија“ Христо Иванов, за решение на односите меѓу Софија и Скопје.
Како што јави БГНЕС, предлогот е усвоен со гласовите на ГЕРБ и ДПС, а документот што е изгласан се базира на францускиот предлог. Партиите „Има таков народ“, БСП и „Преродба“ рекоа дека нема да ја поддржат одлуката бидејќи се разликува од она што досега го усвои бугарскиот Парламент. Воедно, од ИТН посочија дека дебатата во Комисијата е беспредметна, оти премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски веќе го одбил предлогот.
Со францускиот предлог се предвидува Националното собрание да ѝ даде мандат на Владата да го одобри предлогот на француското претседателство за измени на нацрт-преговарачката рамка и да го укине ветото против РСМ.
Предлогот на „Демократска Бугарија“ предвидува тоа да се направи под 4 услови:
1.пречистување на текстот за да се обезбеди влез на Бугарите во Уставот на Македонија;
2. ништо во процесот на пристапување на Скопје во Европската унија не може да се толкува како бугарско признавање на постоењето на „македонски јазик“;
3. да се осигура дека добрососедството останува хоризонтален критериум до крајот на преговорите на Скопје со ЕУ;
4. периодичното разгледување на имплементацијата на договорот за соседство да биде јавно објавено во преговарачкиот процес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.