Германската амбасада во Косово денеска соопшти дека писмото на министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала, во кое наведува дека Владата подготвува свој нацрт на Статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство (ЗСО), што ќе го испрати до Уставниот суд до крајот на мај, не претставува исполнување на бараните услови или чекор што се очекува од Косово.

Квинта и другите постојано нагласуваат дека од Косово се очекува да преземе опипливи чекори за формирање на ЗСО со цел да се постигне потребното двотретинско мнозинство во Комитетот на министри за апликацијата за членство да биде успешна. Според наше мислење, поднесувањето нацрт-статутот до Уставниот суд пред седницата на Комитетот, би бил таков чекор – изјави портпаролот на германската амбасада Кристијан Бочер за порталот Експрес, пренесе Бета.

Пред неколку дена Германија и Франција побараа од Косово да преземе итни и конкретни чекори кон формирањето на ЗСО во замена за добивање на нивната поддршка за конечното гласање за членство на Косово во Советот на Европа.

Косовскиот премиер Албин Курти го одби тоа барање, поради што гласањето за прием на Косово не беше ставено на агендата на Комитетот на министри на земјите-членки на СЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.