Косовскиот премиер Албин Курти побара од меѓународната заедница да изврши притисок врз Србија да ги отстрани воените бази кои ги подигнала околу границата со Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во синоќешното интервју за Си-Ен-Ен, кое го пренесуваат косовските медиуми, Курти нагласи дека Србија и Русија се слични поради заедничкиот интерес за проширување на нивните територии.
Тој додаде дека Србија чека можност да влезе во Косово и дека западните партнери треба да го спречат тоа.
– Нашиот сосед Србија е многу агресивен кон Косово, првично не признавајќи го како независна држава. Покрај тоа, води хибридна војна и спроведува воени вежби на границата. Има 48 оперативни бази околу косовската граница кои чекаат прозорец на можности. Она што го бараме од западните партнери е да се изврши притисок врз Белград да ги повлече овие бази, од кои секоја има по 50-150 војници. Ако зборуваме од политички аспект, Србија е слична на Руската Федерација. Тие навистина не ги признаваат де факто и де јуре нивните соседи. Им прават проблеми на соседите бидејќи сакаат да се прошируваат, рече Курти.
На прашањето што направи НАТО за Косово, косовскиот премиер ја истакна големата улога на Алијансата за ослободување на земјата, нагласувајќи дека таа “го запре српскиот геноцид“ врз Албанците.
– Минатиот месец ја прославивме 25-годишнината од ослободувањето на нашата земја и тоа немаше да биде можно без интервенција на НАТО, без авионите на НАТО кои 78 дена ги бомбардираа полициските и воените сили на српскиот лидер, Слободан Милошевиќ. Тоа беше четврта војна што започна на територијата на поранешна Југославија. Во текот на 1990-тите, имаше десетици масакри врз цивилното население во Косово каде што беа убиени жени, деца и старци, беа силувани жени, палени куќи и цели села. Сето ова беше геноциден проект на Милошевиќ, рече Курти за Си-Ен-Ен
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.