Главните патишта на северот на Косово се уште се блокирани, а административните премини Брњак и Јариње се затворени и за возила и за пешаци, јави агенцијата Бета.
Блокади на патиштата организираа Србите од северот на Косово по апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ, а косовската полиција соопшти дека Брњак и Јариње од претпазливост се привремено затворени.
Како што јави Радио телевизија Србија, ноќта поминала мирно, додека пред полноќ одвреме-навреме се слушале пукотници и детонации, но нема информации за повредени или ранети.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељај Свечља во саботата изјави дека Пантиќ е уапсен затоа што „организирал терористички напад во просториите на Централната изборна комисија на северот на земјата“.
Косовскиот премиер Албин Курти рече дека барикадите треба веднаш да се отстранат, а косовската претседателка Вјоса Османи рече дека е постигнат договор изборите во четири општини на северот на Косово да се одложат за април 2023 година.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, рече дека е усогласен текстот на барањата што ќе биде испратен до командантот на меѓународните мировни сили на Косово (КФОР) за враќање на одреден број српски војници и полицајци на територијата на Косово, во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Тој посочи дека Пантиќ бил уапсен „додека носел леб“ на своето семејство кое живее во зградата каде што се наоѓаат канцелариите на ЦИК.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.