Коста К., малолетникот кој на 3 мај 2023 го изврши масовното убиство во основното училиште Владислав Рибникар во Белград убивајќи девет врсници и чувар, од денес има статус на оштетен во судската постапка против своите родители, пренесуваат српските медиуми.

Како што изјави Ирина Боровиќ, бранителката на родителите на Коста К., обвинети се за кривично дело занемарување и злоставување малолетно лице. „Тој доби статус на оштетен бидејќи делата за кои се товарат неговите родители се однесуваат на него и штетата која со тоа му е нанесена“, објасни Боровиќ.

Владимир К., таткото на момчето убиец, ги негираше обвинувањата за злоставување и занемарување дете поради кои тој и сопругата се обвинети од Високото јавно обвинителство во Белград. Покрај тоа, тој одбил да одговара на прашања на обвинителот и адвокатот, пренесува Танјуг. Следното рочиште е закажано за 9 декември.

Обвинителството, според српските медиуми, го проширило обвинението, со кое Владимир К. се обвинува за тешко кривично дело против општата безбедност, додека Милијана К., мајката на малолетниот Коста К., е обвинета за кривично дело недозволено чување и носење оружје.

Таа се брани од слобода, додека нејзиниот сопруг е во притвор од апсењето на 3 мај минатата година. Проширеното обвинение следеше по испрашувањето на малолетниот Коста К.

Како што јавуваат српските медиуми, во овој процес им се суди на родителите на момчето, како и на инструкторот на стрелиште Немања М., кој е обвинет за кривично дело давање лажен исказ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.