Тука сме да ги залечиме раните, да научиме од нашите грешки, но и да ги капитализираме значајните чекори што се направени, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на состанокот одржан за минатонеделните пожари во североисточниот дел на областа Атика, јави дописничката на МИА од Атина.

На состанокот присуствуваа надлежните министри, периферијата Атика и градоначалниците на погодените општини, се разгледаа резултатите од спроведените евиденции и проверки и се разговараше за активностите што ќе ги преземе Владата за обнова на населбите зафатени од пожарот.

Мицотакис истакна дека пожарот беше тежок, „направи голема штета на животната средина и очигледно уништи многу имот“ и посочи дека за тоа што се случи дополнително ќе се дискутира и проучува.

Сакам да нагласам дека годинава се соочивме со речиси 4.000 пожари, од кои голем дел во Атика. За жал, овој беше единствениот пожар што излезе од контрола и покрај фактот што и во овој пожар беше усвоена правилната доктрина, како што се покажа во многу други пожари, за многу брза прва реакција. Но, од причини кои треба да се анализираат, овој пожар излезе од контрола, имаше многу посебни карактеристики, се движеше со многу голема брзина и ја направи штетата што денес сите ја знаеме, рече грчкиот премиер.

Дополнително посочи дека брзо ќе се работи за спречување и ограничување на евентуални поплави што би можело да се појават во следните месеци во конкретните области зафатени од големиот пожар.

Пожарот што избувна пред десет дена во североисточниот дел на областа Атика и гореше над 40 часа, предизвика сериозна материјална штета и зафати површина од околу 10.000 хектари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.