Нашите мисли се насочени кон Волос и северна Евија. Да не заборавиме дека овие области, особено Волос, по поплавата „Даниел“ сега се под втор тежок напад, но државата е присутна, заедно со жителите, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на неговиот говор пред парламентарната група на Нова демократија, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис порача дека битката со последиците од невремето ја водат „со сите средства“ и истакна дека повторно ќе ги поддржат погодените.

Целосно го разбирам и психичкиот притисок на нашите сограѓани, кои чувствуваат дека во рок од три седмици, по втор пат, нивната куќа е поплавена. Ќе бидеме покрај нив за да им помогнеме да го обноват изгубеното и да го направат тоа на подобар начин, одново да ја изградиме нашата инфраструктура на подобар начин отколку што ја изградивме во минатото, порача Мицотакис.

Грчкиот премиер, на првиот состанок на пратеничката група на Нова демократија, по изборите во јуни и добиениот втор мандат, посочи „дека позитивниот тек на државата е засенет од две негативни околности, од катастрофите од нападите на климатските промени“, но и од проблемите за домаќинствата од поскапувањата на цените, особено на прехранбените продукти.

Истакна дека неговата Влада е постојано ставена на тест како на почетокот на минатиот мандат така и сега, но порача дека, сепак, овие тешкотии „на крајот се развиваат во успеси“.

Да потсетам, така беше во 2020 година со миграциските инвазии во Еврос, а потоа последователно со пандемијата на коронавирусот. Така ќе биде сега: секоја тешкотија ќе ја претвориме во можност за да станеме подобри, порача грчкиот премиер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.