Неформална средба на 21 август во Атина на лидерите од Западен Балкан организира грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, по повод одбележување на 20 години од „Декларацијата во Солун“, јавуваат грчките медиуми. Македонскиот премиер Димитар Ковачевски, српскиот претседател Александар Вучиќ, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ и косовскиот премиер Албин Курти се најавени дека ќе присуствуваат на ова средба.
На оваа средба бил поканет претседателот на Албанија Бајрам Бегај, кој како што јавуваат грчките медиуми нема да присуствува. Дополнително се очекува на средбата да присуствуваат и Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
„Иницијативата Мицотакис да ги покани лидерите од Западен Балкан и земјите-членки на ЕУ во замокот Максимос на вечера-неформална дискусија за проширувањето и европската иднина на регионот, ја нагласува улогата на Грција како столб на стабилност, мир и енергетска безбедност на Балканот и во југоисточна Европа“, велат владини извори за грчката државна новинска агенција.
Оваа средба е закажана по повод 20-годишнината од „Декларацијата од Солун“ на Самитот ЕУ-Западен Балкан што во суштина го отвори патот за интеграција на многу земји од областа во ЕУ.
Поврзување на перспективата за членство со почитувањето на основните вредности на ЕУ од страна на државите од Западниот Балкан, но и со регионалната соработка, процесот на стабилизација и асоцијација (ПСА) ќе биде рамката на процесот на интеграција сѐ до членството во ЕУ, беа дел од основните постулати на Солунската декларација.
Со неа се унапреди процесот на набљудување и оценка преку годишните извештаи по моделот на оние за источните кандидати и се воведоа европски партнерства, како документ кој треба да ги води реформите. Се воведе редовниот економски дијалог и инструментите за пристапна помош КАРДС и ИПА.
На неформалната вечера ќе учествуваат и лидерите на земјите од регионот кои се членки на ЕУ: премиерот на Бугарија Николај Денков, на Хрватска Андреј Пленковиќ и на Романија Јон-Марсел Чиолаку.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.