Секогаш сме отворени за дијалог, но, да повторам: отворен дијалог со отворени патишта. Никој не може да го уценува општеството, колку и да е фер неговото барање и да го наруши општествениот и економскиот живот на земјата, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во однос на протестите на земјоделците и нивните барања до Владата, јави дописничката на МИА од Атина.

Говорејќи пред жителите на атинска населба за време на неговата денешна посета, Мицотакис им се обрати на земјоделците, ги повика на дијалог и ги потсети на досега воведените владини мерки.

-На моите пријатели земјоделци, кои се денес на улица, им велам дека ние сме тие што ги намаливме даноците за земјоделците, ние сме тие кои преговаравме за заедничка земјоделска политика која, да, има тешкотии и еве повторно разговараме како можеме да ја подобриме, ние сме тие кои се боревме против нелегалната грцизација на производите, кои дадовме повеќе од една милијарда евра – обрнете внимание, една милијарда евра, во четиригодишниот мандат за обесштетување од елементарни непогоди, порача Мицотакис.

Грчките земјоделци, на вчерашниот состанок одлучија засилување на активностите со симболични блокади на патиштата, автопатите и граничните премини и бараат средба со премиерот Кирјакос Мицотакис.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.