Водачот на босанските Срби, Милорад Додик, во средата уште еднаш ја доведе во прашање државноста на Босна и Херцеговина, тврдејќи дека таа е држава колку да се рече затоа што нема вистински суверенитет, туку им припаѓа на ентитетите во неа.

Во објава на социјалната мрежа „Х“ (Твитер), Додик тврди дека суверенитетот им припаѓа на ентитетите и дека БиХ има „ограничен внатрешен суверенитет“ кој, според неговата интерпретација се сведува на десет овластувања изричито наведени во уставот, кој е составен дел на Дејтонскиот договор.

Да повториме: ентитетите се држави, а Босна и Херцеговина како заедница на два ентитета е само „колку-толку држава““, напиша Додик.

Како доказ за овие тврдења тој ја понуди изјавата дека Република Српска со години ги испраќа своите извештаи за состојбата во БиХ до Советот за безбедност на ОН во исто време со високиот претставник на меѓународната заедница, што, како што истакна, „политичкото Сараево не успеа да го спречи“.

Со оваа објава Додик всушност ја продолжи полемиката која со денови ја води со членот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ. и кој во низа јавни изјави потсетува дека во Дејтонскиот договор се пишува јасно и дека на тоа не можат да влијаат различните толкувања кои се обидуваат да го намалат значењето на државата.

„Суверенитетот на државата Босна и Херцеговина е јасно и прецизно определен со Дејтонскиот договор и уставот на БиХ. Суверенитетот не се стекнува преку Твитер и други објави на политички функционери. Тој несомнено и припаѓа само на државата БиХ“, Беќировиќ рече во вторникот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.