Денеска, од Обединетите Нации, би сакал да му се обратам не само на турското раководство, туку директно и на турскиот народ со оваа порака: Грција не претставува никаква закана за вашата земја. Ние не сме ваши непријатели. Ние сме соседи. Ги цениме многуте пријателства меѓу обичните Грци и Турци, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговиот говор на Генералното собрание на ОН, јави дописничката на МИА од Атина.

Истакна дека огромното мнозинство во двете земји не сака политички конфликт и непријателство и повика „да одиме напред во духот на соработка и пријателство, со меѓусебно почитување и во согласност со меѓународното право“.

Веднаш по говорот, грчкиот премиер конкретната порака, преведена на турски јазик, ја објави на неговиот официјален „Твитер“ профил.

Во обраќањето на генералната дебата, Мицотакис се осврна на грчките позиции за низа актуелни прашања, како што се руската инвазија во Украина, енергетската и климатската криза, кипарското прашање и односите со Турција.

Мицотакис рече дека Турција продолжува со уште поголемата ревизионистичка агенда против Грција, иако „има капацитет да игра конструктивна улога“, а наместо тоа „продолжува да игра дестабилизирачка улога во Источниот Медитеран, Блискиот Исток и Кавказот и е единствената земја од НАТО што не спроведува санкции против Русија“.

Посочи дека не е нова реториката на Турција за оспорување на грчкиот суверенитет во Егејското море и заканите за војна (casus belli), рече дека „се закануваат дека ќе „дојдат ноќе“, што, според Мицотакис е „јазик на агресор, а не на миротворец“ и истакна дека особено алармантен е зголемениот интензитет на закани.

-Ако претседателот Ердоган сака да зборува за црвените линии, тогаш го велам ова: турските претензии за суверенитетот на грчките острови се неосновани и неприфатливи. Преиспитувањето на суверенитетот на грчката територија ја преминува црвената линија за сите Грци. Како премиер на Грција, никогаш нема да направам компромис за територијалниот интегритет, безбедноста и стабилноста на мојата земја. Грција нема да биде малтретирана од никој, порача Мицотакис.

Во однос на мигрантското прашање го повтори ставот дека Турција ги инструментализира мигрантите уште од март 2020 година и истакна дека „Грција ќе продолжи да ги штити своите граници, со целосно почитување на основните права“.

-Покорисно би било за Турција активно да соработува со Грција и Европа по прашањето на миграцијата, наместо да шири лажни вести, рече Мицотакис.

Во однос на руската инвазија во Украина, порача дека Европејците имаат причина да бидат горди за одговорот и поради поддршката за Украина и за санкциите „кои почнуваат да се одразуваат на руската економија“.

Додаде дека „оваа јасна и силна позиција против неоправдана војна е одраз на новата геополитичка визија на Европската Унија“, а руската инвазија „не смее да успее“.

-Русија ги користи како оружје своите природни ресурси за да предизвика болка во европските општества и да ги дестабилизира демократски избраните европски влади. Повторно, нема да успее. Ќе ги поддржиме нашите граѓани да се справат со високите цени на енергијата. Ќе ги здружиме европските ресурси за да промовираме енергетска ефикасност и брзо да се диверзифицираме од руската нафта и природен гас, рече грчкиот премиер.

Посочи дека Украина не е единствената земја во пост- воена Европа која била брутално нападната, бидејќи „речиси 50 години, Кипраните живеат на поделен остров како резултат на илегална инвазија и воена окупација“.

Ја изрази поддршката на Грција и за напорите на генералниот секретар за продолжување на преговорите за кипарското прашање за заемно прифатливо решение и за мерките за градење доверба предложени од претседателот на Кипар, Никос Анастасиадис.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.