Енергетските соработки во регионот, односно гасоводот ТАП, новиот гасовод со Бугарија, но и интерконекторот со Македонија, по успешно завршениот маркет тест, ги спомена грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис како примери за проширувањето на гасоводната инфраструктура на Грција и истакна дека земјата е извозник на енергетска безбедност за соседите, јави дописничката на МИА од Атина.
Во обраќањето на 22-от ЛНГ светски форум што се одржува во Атина, Мицотакис посочи дека неговото внимание постојано било насочено на диверзификацијата на изворите на енергија, како и на флексибилноста за евентуалните инвестиции во Грција за, како што рече, заштита на енергетската безбедност на Европа.
-Оваа, досега невидена криза несомнено одново ја исцртува енергетската карта на Европа. Со гордост изјавувам дека Грција е на чело на оваа промена. Земјата е сидро во сè побурните мориња, а во овој момент е извозник на енергетска безбедност за нашите соседи и се стреми во иднина тоа да го направи во уште поголема мера, истакна Мицотакис.
Во однос на проширувањето на гасоводната инфраструктура, потсети дека пред две години беше пуштен во употреба гасоводот ТАП што го поврзува Каспиското Море со Италија, рече дека веќе се размислува за проширување на активностите на ТАП за увоз на повеќе природен гас од Азербејџан.
-На 1 октомври во Софија го прославивме комерцијалното работење на интерконекторот за гасоводот Грција- Бугарија (ИГБ). Ова е наш втор гасовод до Бугарија, каде што нашиот извоз се зголеми тројно во последната година, а во последните месеци успешно беше завршен пазарниот тест за новиот гасовод кон Македонија. И верувам дека сите овие разврски го отвораат патот за подобра иднина за целиот регион. Сакам да сум целосно јасен. Сакаме да им помогнеме на нашите регионални партнери многу брзо да се диверзифицираат од рускиот гас и да го отстраниме притисокот што Русија им го наметна на нашите соседи. Веруваме дека на овој начин значајно придонесуваме во регионалната стабилност, која во голема мера е поврзана со енергетската безбедност, истакна Мицотакис.
За снабдувањето со течен природен гас, се осврна на островот Ревитуса каде што објасни дека беше додадена уште една пловна единица за складирање за да се прошириме капацитетот, а паралелно посочи дека кон крајот на 2023 или почетокот на 2024 година се очекува во Александруполи да започне со работа терминалот за течен природен гас.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.