Европската Унија покажа единство и едногласност со вчерашните донесени одлуки за многу важни санкции, кои многу суштински ќе ја погодат руската економија, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на средбата со претседателката со Грција Катерина Сакеларопулу, додавајќи дека Грција како и во изминатите 201 година од независноста, така и сега се најде на вистинската страна на историјата, јави дописничката на МИА од Атина

Мицотакис ја информираше Сакеларопулу за последните случувања во Украина и резултатите од вчерашниот Самит на ЕУ, а истото, ќе го стори во вторник, односно на вонредна седница ќе го информира Парламентот.

На средбата Мицотакис рече дека „се наоѓаме на почеток на нова ера што ќе има економски последици“.

Во моментов треба да бидеме подготвени за големи потреси на енергетскиот пазар, па затоа, драго ми е што беше прифатен мојот предлог, Комисијата итно да разработи и да поднесе предлози за тоа како на европско ниво можеме да ги поддржиме потрошувачите и бизнисите. Очекуваме за овие предлози да разговараме на следниот Европски совет – рече Мицотакис.

Додаде дека како европски отворени, либерални, плуралистички, демократски земји потребна е внимателност во однос на дезинформациите и сајбер нападите.

Грчката претседателка истакна дека нејзините мисли се со украинскиот народ, истакнувајќи дека никој никогаш не очекува да стане бегалец.

Украинскиот народ, кој страда во моментов, навистина треба да има можност да остане онаму каде што е и да може да се убеди Русија да ја повлече нејзината војска за да може да заврши оваа криза – рече Сакеларопулу.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.