Најголемата албанска опозициска Демократска партија (ДП) на гласање по принципот „еден член, еден глас“ за лидер на Партијата го избра Љуљзим Баша.
Тој освои 16.196 наспроти неговиот против кандидат Ѓерѓ Хани кој освои 1657 гласови.
Баша (49) оставка од функцијата поднесе во септември пред две години, по големите недоразбирања со историскиот лидер на демократите Сали Бериша, кого на оваа функција Баша го наследи во 2013 година.
Во претходните влади на Бериша тој беше шеф на дипломатијата и министер за транспорт.
Демократската партија не сопственост на ниту еден поединец, туку заедничка инвестиција на демократите, кои ја заштитуваа во тешките денови и по секој предизвик успеаја да ја направат уште посилна. Убеден сум дека тоа ќе се повтори, бидејќи тоа го очекуваат повеќето Албанци од нас, рече Баша.
Тој оцени дека она што е битно за денес и иднината на ДП е непоколебливиот став за националниот интерес и евроатлантските стандарди на демократијата, еднаквоста пред законот и фер конкуренција во политиката, економијата и секаде.
Демократската партија ја преживува најдлабоката криза. Фракцијата на Бериша „За обнова на ДП“ е многу побројна, таа насилно го зазеде партиското седиште, но судот за лидер го призна Баша кој потоа го ополномошти генералниот секретар Газменд Барди, кој го поседува и печатот на партијата.
Соопштувајќи резултатите претседателот на изборната комисија Јемин Ѓана синоќа рече дека на списокот за гласање биле 25 илјади членови, при што гласале 18.052 или 71 отсто од нив. Неважечки биле 199 гласачки ливчиња.
Членството на ДП претходно броеше 75 илјади, што значи дека поголемиот број членови се во фракцијата на Бериша.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.