Бугарски национален интерес е Република Македонија да се приклучи кон Европската Унија, пат на кој следен чекор е почеток на преговори со Скопје. Отворањето на преговорите со Република  Македонија треба да биде важна цел за бугарската дипломатија – изјави бугарскиот министер за иновации Даниел Лорер за БНР.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Лорер нагласил дека бугарски национален интерес е и Бугарија да се претвори во исклучително богата и социјално праведна држава, која е опколена со исти такви соседи.

Бугарскиот министер за иновации посочи дека за соседите на Бугарија патот кон богатството и социјалната правда минува низ членството во ЕУ.

Со еден продолжен и позитивен дијалог со македонската страна ќе бидат постигнати условите, не само историски, туку и економски, академски, како и културни за врските меѓу двете држави. Тоа треба да се случи за да се почуствува секоја од двете страни далеку посигурна во тој дијалог – нагласи Лорер.

Тој, за изјавата на Слави Трифонов, Бугарија да и дозволи влез на Македонија во Европска Унија, ако Соединетите Американски Држави ги укинат визите за бугарските граѓани и земјата веднаш да стане членка на Шенген зоната, рече дека мислењето на Трифонов е интересно, бидејќи на тој начин тој поврзува еден билатерален спор со Европската Унија и САД.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.