Косовскиот премиер, Албин Курти в понеделник, на 5 август, ќе допатува во Скопје, каде што ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски, дознава македонското дописништво на приштинскиот портал „Газета експрес“.
Неименувани извори на порталот од владејачките структури во Скопје тврдат дека средбата на премиерите на Македонија и Косово ќе се одржи задутре во 10 часот, а на неа ќе присуствуваат и членови на македонската Влада од редовите на каолицијата „Вреди“.
Како што пренесува МИА, во косовската делегација која ќе го придружува Курти за време на престојот во Скопје ќе биде и вицепремиерката и министерка за надворешни работи и дијаспора, Доника Грвала.
Приштинскиот медиум напоменува дека посетата на Курти на Скопје се случува во време кога Косово упати протестна нота до Македонија поради инцидентот што се случи на Скопскиот аеродром со претседателката на Косово, Вјоса Османи, кога, според официјална Приштина, аеродромската полиција побарала од неа да ја предаде личната ташна и мобилниот телефон за скенирање, по што дошло до судир меѓу обезбедувањето на косовската претседателка и членови на аеродромското обезбедување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.