Владата на Косово денеска соопшти дека премиерот Албин Курти остварил средба со шефот на мисијата на ОБСЕ на Косово, Мајкл Девенпорт, со кого разговарале за барањето на Србија за одржување избори на територијата на Република Косово, при што ги изнел условите што треба да се исполнат за тоа да се реализира, јави дописникот на МИА.

Како што објави владината прес-служба, Курти истакнал дека, како што претходно го информирал првиот човек на ОБСЕ, за да можат косовските граѓани со српски пасоши да гласаат на косовска територија за српските парламентарни избори, неопходно е да се постигне меѓудржавен договор и дека барањето за таков договор треба да дојде од Србија како заинтересирана страна.

– Премиерот Курти истакна дека, како што го информирал шефот на ОБСЕ во писмениот одговор од 17 ноември, за ова е неопходен меѓудржавен договор и дека барањето за таков договор треба да дојде од Србија како заинтересирана страна, се наведува во соопштението.

Курти и Девенпорт зборувале и за соработката меѓу Владата на Република Косово и канцеларијата на ОБСЕ во Косово во областа на правата на немнозинските заедници во земјата.

Во соопштението на владината прес-служба се наведува дека Курти нагласил оти „Косово е посветено на немнозинските заедници и на зголемувањето на поддршката за Министерството за заедници и враќање, како и за постојан ангажман на Канцеларијата за прашања на заедниците при Канцеларијата на премиерот со Канцеларијата на комесарот за јазици“.

Парламентарните избори во Србија се закажани за 17 декември оваа година. Во минатото, по прогласувањето на косовската независност, со асистенција на меѓународната заедница, им се овозможуваше на косовските Срби да гласаат на избирачките процеси во Србија, меѓутоа таа пракса се прекина од доаѓањето на власт на Курти во февруари 2021 година. Од тогаш, Косовските Срби немаа можност на косовска територија да гласаат за српскиот референдум во јануари 2022 година и за вонредните избори во април истата година, туку беа организирано превезувани до гласачките места во Србија во близина на границата со Косово



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.