Косовскиот премиер, Албин Курти се приклучи денеска на Парадата на гордоста, со која се затвора годинешната Недела на гордоста во Косово, организирана од косовската ЛГБТИК+ заедница, јави дописникот на МИА од Приштина.
Курти, заедно со уште неколку членови на неговиот кабинет, меѓу кои министерката за правда, Албулена Хаџиут, министерот за здравство, Арбен Витиа и оној за култура, Хајрула Чеку, застана на чело на колоната која доцна попладнево продефилира низ центарот на косовската престолнина.
На денешното финале на Неделата на гордоста, која се одржува под мотото „Сме биле и ќе бидеме“ и ќе се затвори со концерт пред Националната библиотека на Косово, учестуваа и други личности од јавниот живот на Косово, меѓу кои приштинскиот градоначалник, Перпарим Рама, шефицата на пратеничката група на владејачкото Движење самоопределување, Мимоза Кусари-Лила и други.
Првата Парада на гордоста во Косово, односно во Приштина, се одржа на 10 октомври 2017 година, а манифестацијата Недела на гордоста годинава го одбележува своето трето издание.
На ниту една од досегашните манифестации во поддршка на ЛГБТИК+ лицата (лезбејки, геј, би-,транс-, интерсекцуалци, квир идр.) не се забележани никакви инциденти, освен неколку вербални навреди кон учесниците, и тоа само во првите неколку години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.