Косовскиот премиер Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ ќе се сретнат во Брисел на 26 јуни, за нова рунда од дијалогот за нормализација на односите, што се одвива со посредство на Европската унија, објави Радио слободна Европа.

Како што пренесоа медиумите во Приштина, информацијата за РСЕ ја потврдил портпаролот на ЕУ, Петер Стано.

Оваа средба на високо ниво во рамките на дијалогот ќе ја посредува високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

Курти и Вучиќ последен пат разговараа за спроведувањето на договорите од Охрид од февруари 2023 на 14 септември минатата година, но без никаков напредок, поради спротивставени позиции.

Неколку дена подоцна, на 24 септември, група вооружени Срби ја нападнаа косовската полиција во селото Бањска – северниот дел на Косово – убивајќи го наредникот Африм Буњаку. Во размената на оган што уследи загинаа и тројца од напаѓачите.

Косово ја обвини Србија за овој напад, но официјален Белград негираше одговорност.

Претставниците на западните земји неколку пати се обидоа да ги убедат Курти и Вучиќ да седнат на преговарачка маса и да разговараат за чекорите за спроведување на договорот, но безуспешно.

Исто така, шефовите на преговарачките тимови на Косово и Србија, Бесник Бислими и Петар Петковиќ, неколкупати отидоа во Брисел да разговараат за надминување на кризите, но ниту меѓу нив немаше напредок



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.