Косовскиот премиер, Албин Курти, тврди дека договорот што синоќа го постигнаа главните преговарачи на Белград и Приштина не е истиот договор што им бил понуден на двете страни за време на преговорите во Брисел во понеделникот.
Курти во парламентот во Приштина изјави дека не се работи за договор за регистарски таблички, туку за, како што тврди, договор за преговори за германско-француски предлог за решавање на косовското прашање.
Тој кажа и дека ставот на Приштина останал ист, но оти „позицијата на шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел е променета“.
Објасни дека целта на Приштина е „француско-германскиот предлог за нормализација на односите со Белград да стане предмет на разговори во Брисел“.
„Синоќешниот договор не е договор за регистарски таблички. Ќе дадеме простор за преговори за предлогот на ЕУ, кој претходно беше наречен француско-германски предлог“, рече Курти.
Косовскиот премиер вели дека договорот за регистарски таблички ќе остане додека не завршат преговорите за француско-германскиот предлог.
Додаде дека текстот на договорот постигнат синоќа „е двојно подолг од оној предложен во понеделник“.
Претходно денес, обраќање имаше и српскиот претседател, Александар Вучиќ.
„Не знам зошто се криеше. Тоа што ЕП бара од нас да го признаеме Косово е многу потешко од санкциите против Русија. Во препораките на Европскиот парламент се наведува дека мора да ја признаеме независноста на Косово, но тие тоа го криеја. Од нас бараат заемно признавање. Дури и да воведеме санкции кон Русија, тие би рекле дека е убаво што сме го направиле тоа, но утре ќе излезеа со нова резолуција. Јас сум доволно искусен, јас сум политички ветеран. Синоќа разговарав со Брисел 50 пати. Не бев особено вознемирен од нивните препораки. Ние не сме заинтересирани за заемно признавање со Приштина“, рече Вучиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.