Красимир Каракачанов, лидерот на бугарската ВМРО, не се кандидирал за реизбор. Како што јавија бугарските медиуми, тоа значи дека за првпат по четврт век тој нема да биде лидер на  националистичката партија, која доживеа дебакл на последните три избори во земјата и од власт отиде во опозиција.

Уште повеќе ВМРО со Каракачанов, кој ја водеше кампањата на сметка на односите со Македонија, падна под изборниот праг, па и под еден отсто, така што не влезе ни во парламентот.

Како кандидати за лидерската позиција досега се јавиле Ангел Џамбаски, европратеник од оваа партија и тврд националист и Искрен Велинов , копретседател на групата „Обединети патриоти“.

Бугарските медиуми сепак не исклучуваат Каракачанов да се премисли и во последен момент да излезе со кандидатура, бидејќи еднаш веќе се повлекол и ја сменил одлуката. Статутот на оваа партија дозволува кандидатура за лидер да се поднесе и на самиот ден на изборите, кои ќе се одржат за две недели.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.