Воената мисија на НАТО во Косово КФОР потврди дека добила барање од Србија за распоредување на припадници на српската војска во северно Косово, во областа населена со мнозинско српско население, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во изјавата доставена до медиумите, КФОР наведува дека барањето на српската влада ќе се разгледа и на истото ќе се одговори во наредните денови.
– Ние добивме писмо од Србија и сега истото го разгледуваме. КФОР останува буден и сосема способен да го исполни својот мандат кој му е доделен од Обединетите нации, се вели во соопштението.
Владата на Србија вчера одлучи да побара од мисијата на НАТО да го дозволи испраќањето на српски војници во Косово, повикувајќи се на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН. Според официјален Блеград, таа резолуција овозможува враќање на одреден број српски војници, кој ќе се договори со НАТО, доколку во Косово биде загрозено српското малцинство.
Властите во Косово го оценија барањето на српскиот претседател, Александар Вучиќ како потврда на хегемонистичките идеи на Белград и на територијалните претензии на Србија кон Косово.
Косовската претседателка Вјоса Османи во вчерашното годишно обраќање пред пратениците во републичкото Собрание, порача дека присуството на српската војска во Косово, која, според неа, извршила геноцид врз тамошното албанско население, завршило во 1999 година, кога Србија потпиша капитулација во Куманово.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.