Историјата ни е заедничка – таа може само да обединува, а не да разделува. Ова го рече потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова на почетокот на меѓународната конференција „Балканот – за мир, безбедност, соработка и партнерство“, организирана од Стратешкиот институт за национални политики и идеи (СИНПИ), Форум за балкански транспорт и инфраструктура ( FBTI) и Националната асоцијација за меѓународни односи (НАМО). Форумот кој денеска се одржува во Софија е под покровителство на претседателот на Бугарија, Румен Радев.
Ова е веста на денот од Република Бугарија, избрана на Бугарската телеграфска агенција (БТА) за објавување од МИА, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Македонија и Бугарија да разменуваат директно избрана од другата агенција вест на денот на соодветната земја, а другата агенција да ја објави на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.
„Во 21 век разговорот не треба да биде каков што беше. Нашата заедничка судбина не повикува денес да живееме заедно, стремејќи се да обезбедиме мир и просперитет за себе и за нашите деца. Како да ги натераме нашите деца да останат овде, да го развиваат својот талент и вештини, да останат во својата татковина, да не бегаат во други поразвиени земји да ја бараат својата иднина таму. Како да работиме за нашиот заеднички развој, како нашите проекти да не останат само во теорија, туку проекти кои имаат своја одржливост, коментира Јотова.
Според нејзините зборови, таков треба да биде разговорот во 2023 година, а „да не се присвојува историјата, да се делат херои, да се гази слободното изразување на етничката припадност и пред се да се почитуваат човековите права“. Според неа, за човековите права се зборува како луксузна политика. Од нас зависи оваа опасна и вознемирувачка тенденција да биде прекината и да не гледаме во старите документи туку во проблемите на луѓето. Да подаваш рака на слабиот е израз не на слабост, туку на сила, истакна Јотова.
Таа истакна дека постојана тема на денешната конференција е иднината на Западен Балкан, особено во контекст на руската војна во Украина и нејзините последици. Не може да има сигурна и стабилна Европа без нејзино проширување во правец на Западен Балкан, посочи Јотова.
Војната во Украина е нова линија на поделба која повторно ги буди старите стравови во балканските земји. Повторно се зборува за сфери на влијание, поделеност, двојни стандарди. Политиката на ЕУ кон Западен Балкан е премногу нестабилна. Измешаните сигнали предизвикуваат дополнителна недоверба во овие земји, коментира Јотова.
Според неа, Балканот никогаш не бил спокоен векови наназад, а и денес паѓа во канџите на различни геополитички интереси. Само ние ги знаеме последиците од поделбата на сферите на влијание, од прекројувањето на границите, од желбата на големите сили да избришат дури и цели народи, јазици, традиции, минатото и нивната историја, истакна потпретседателката.
Според неа, во средина на негирање, големото е отсуството на дијалогот. Недостасува најважното, да се седне на иста маса со истомисленици, но и со противници, да се разменуваат позиции, да се води дискусија која се води со аргументи, а не со квалификации. Само така може да се родат добри идеи и работни решенија, коментира Јотова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.