Излезноста на гласачите на предвремените парламентарни избори што се одржуваат во Бугарија до 16 часот по локално време изнесува 25,58 отсто. Највисока е во еден од регионите во Софија – 33,95 отсто, а најниска – во Карџали – 19,72 отсто, објави Централната изборна комисија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, ист процент излезност беше и на изборите на 14 ноември минатата година – 25,58 отсто и покрај тоа што бројот на гласачите тогаш и сега е различен. До 17 часот и 30 минути се примени 66 дојави за агитација, од кои најголем дел за агитација на социјалните мрежи. Констатирани се прекршоци на три сајтови за објавување на првични резултати.

Прекинато е гласањето со машини на уште неколку изборни места. Во овој момент има вкупно 32 избирачки места кои преминале на гласање на хартија. Од нив 11 се поради тоа што не работел читачот на паметни картички.

Изборниот ден во Бугарија треба да заврши во 20 часот по локално време, кога се очекува да бидат објавени првите излезни анкети.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.