Судијата Иван Турудиќ денеска стана главен државен обвинител на Хрватска, откако пратениците во Собранието гласаа за негово именување.

Тој е избран со 78 гласови за, 60 против и двајца воздржани.

Турудиќ доаѓа на предлог на премиерот Андреј Пленковиќ, а изминативе денови се најде во центарот на голем скандал поради пораките што ги разменувал со поранешната градоначалничка на Книн, Јосипа Римац, на која и се суди за корупција.

Премиерот и претседател на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ вчера изјави дека сите претставници на владејачката коалиција го поддржале предлогот за назначување на судијата на Вишиот кривичен суд Иван Турудиќ за главен државен обвинител.

Пленковиќ одржа средба со претставниците на парламентарното мнозинство поради скандалот предизвикан со објавувањето на стотина пораки што ги размениле судијата Турудиќ и поранешната државна секретарка на ХДЗ, Јосипа Плеслиќ, претходно Римац, обвинета за корупција.

Единствен став на мнозинството е дека (во Парламентот) ќе го поддржат Турудиќ за нов главен државен обвинител, нагласи Пленковиќ.

Тој оцени дека објавувањето СМС пораки од истрагата против Римац и критиките на опозицијата се „медиумско-политички напад врз Владата“.

Се е координирано, јасно е дека тие пораки се темпирани пред избори, заклучи премиерот, оценувајќи дека е „страшно“ што излегле пораките, но не и нивната содржина.

На новинарски прашања дали смета дека е непристојно што Турудиќ како кандидат за главен државен обвинител лажел за неговиот однос со Римац и дали може да биде кандидат за толку важна функција, Пленковиќ одговори дека „нема ништо релевантно“ во пораките.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ претходно му предложи на премиерот да свика седница на Советот за национална безбедност поради вонредната и неочекувана ситуација во хрватскиот правосуден систем поради случајот Турудиќ, но Пленковиќ претходно во изјава за новинарите го одби.

Во изминатите денови Милановиќ се спротивстави на владиниот предлог да се именува судијата Турудиќ за главен државен обвинител, оценувајќи дека за тоа постојат безбедносни пречки.

Има безбедносни пречки, му давам рок на Пленковиќ да се запознае со тоа, рече хрватскиот претседател Зоран Милановиќ кога премиерот Андреј Пленковиќ го предложи судијата Иван Турудиќ за главен државен обвинител.

Дел од „безбедносните пречки“ откри „Јутарњи лист“, објавувајќи ги пораките на Турудиќ со Римац. Во тие пораки таа му се обраќа со „Радости“, тој и се обраќа со „Липото“. Како што е наведено тие разменувале информации и барале услуги.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.