Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер изјави дека американските позиции во однос на Заедницата на општините со српско мнозинство, што треба да се формира во Косово, не се променети, односно дека таа треба да биде во согласност со Уставот на Косово и без извршни овластувања, јави дописникот на МИА од Приштина.

По денешната средба и разговор со студенти во Митровица, Ховениер пред новинарите изјави дека САД не сакаат некаква Република Српска во Косово и дека не сакаат нешто што ќе има негативно влијание врз функционирањето на државата Косово.

– Ставот на САД е јасен, Заедницата мора да биде во согласност со актуелниот Устав на Косово и во согласност со одлуката на Уставниот суд. Заедницата не треба да биде трето ниво на власт и не треба да има извршни овластувања, порача Ховениер.

Американскиот дипломат изјави дека е изненаден од коментарите и критиките што се упатуваат за нацрт-статутот за формирање на Заедницата, предложен од високи западни функционери.

– Мислам дека фокусот треба да биде на тоа како Косово може да оди напред со усвојувањето на овој нацрт, а доколку има прашања за уставноста, како што кажав претходно, има само едно тело што може да одлучи што е во во согласност со Уставот, рече Ховениер, нагласувајќи дека само Уставниот суд на Косово може да одлучува за уставноста на предложениот нацрт.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.