Црногорската туристичка инспекција го затвори хотелот Лоза во Будва, во кој што биле сместени околу 100 туристи кои вчера побарале лекарска помош поради симптоми на труење со храна.
Најголем број од туристите, кои главно се од Европа, се сместени во болницата Данило Први во Цетиње. Како што објави РТЦГ, тие се во добра здравствена состојба и денеска треба да бидат пуштени на домашно лекување.
Како што соопшти Ана Вујошевиќ, директорка на Управата за инспекциски работи, ова е осми пат за неколку месеци како хотелот „Лоза“ во Будва е затворен. „Сите сместувачки единици во хотелот (100 соби), ресторанот и кујната се запечатени. Значи, целиот објект“, изјави Вујошевиќ за РТЦГ и посочи дека пломбите претходно биле незаконски извадени седум пати, што е кривично дело според црногорскиот закон.
Црногорскиот институт за јавно здравје претходно соопшти дека земал мостри од хотелските простории и ги испратил на анализа за да се утврди причината за труењето на туристите. Гостите кои престојувале во хотелот „Лоза“ сега претежно се сместени во други хотели во Будва на сметка на црногорското Министерство за економски развој и туризам.
Раководителите на општина Будва доцна синоќа потврдија дека околу 100 туристи, главно од Полска, Словачка, Словенија и Хрватска, се пријавиле во болниците во Котор, Бар и Цетиње со дигестивни проблеми. Црногорскиот министер за здравство во техничката влада, Драгослав Шќекиќ, исто така, се огласи на Твитер и напиша дека црногорските здравствени установи „брзо и одговорно ја обезбедиле потребната здравствена заштита“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.