Србија веќе плаќа „превисока цена” за тоа што избегнува воведување санкции кон Русија поради инвазијата на Украина, изјави денеска американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, додавајќи дека САД имаат разбирање за искуствата на Србија со санкциите што претходно беа воведни против неа.

Разбираме дека Србија има историски однос и искуство со санкциите, но таа почнува да плаќа превисока цена за воздржаноста во однос на санкциите против Русија, донесени за да се запре бруталниот напад врз нејзиниот сосед (Украина), рече Хил пред новинарите во пресрет на панелот посветен на санкциите воведени против Србија во времето на владеењето на Слободан Милошевиќ.

На прашањето колку е реално Брисел да воведе санкции кон Белград доколку Србија не прифати нов европски предлог за решение на косовското прашање, американскиот амбасадор рече дека не е во позиција да зборува за можни санкции, оценувајќи дека ЕУ е сериозна во врска со санкциите што ги применува меѓународната заедница.

Хил рече дека САД „стопроцентно го поддржуваат предлогот на ЕУ за Косово” и дека има напредок благодарение на големите напори што Европејците го вложија за приближување на двете страни.

Фер е да се каже дека тоа е процес, не е завршен додека не заврши, рече Хил, потсетувајќи дека косовскиот проблем „ги оптоварува сите повеќе од 20 години“.

Тој рече дека затоа „треба сериозно да се разгледа” предлогот на ЕУ и да се „размисли за начините да го усвоите и да работите на него”.

Предлогот на ЕУ, поддржан од Германија, Франција, Италија и САД, беше претставен пред Белград и Приштина во септември и декември минатата година и предвидува почитување на територијалниот интегритет, неповредливост на границите, признавање на државните симболи и посебен аранжман за српската заедница во Косово. Белград го истакнува формирањето на Заедниците на српските општини на Косово како клучна точка за продолжување на натамошниот дијалог за конечно решение.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.