Меѓу шестмина кандидати, членовите и симпатизерите на грчката опозициска партија ПАСОК денеска гласаат за избор на претседател, а доколку биде потребен и втор круг, ќе се одржи следната недела, јави дописничката на МИА од Атина.

За лидерската позиција во Социјалистичката партија се борат актуелниот претседател Никос Андрулакис, градоначалникот на Атина Харис Дукас кој победи на ланските локални избори, поранешната еврокомесарка Ана Диамантопулу, поранешниот министер Павлос Геруланос, поранешниот претседател на пратеничката група Михалис Катринис и пратеничката Надиа Јанакопулу.

Гласачките места во целата земја се отворени од седум часот утрово, право на глас имаат сите оние кои се членови партијата, но и оние кои ќе се регистрираат во текот на денешниот ден, доколку се на возраст од над 16 години, а гласачите ќе треба да платат три евра.

Првичните избори се очекува да бидат соопштени доцна вечерва.

Во истражувањата на јавното мислење објавени во грчките медиуми во изминатиот период, ПАСОК е втора политичка сила во Грција, а конкретно за изборите за лидер, резултатите покажуваат тесна битка меѓу актуелниот претседател Никос Андрулакис, кој е во водство со мала разлика пред градоначалникот на Атина Харис Дукас и најверојатно опозициската партија ќе добие претседател по вториот круг на 13 октомври.

Во пресрет на изборите, пред десет дена кандидатите за лидер ги претставија нивните ставови и позиции за шест различни теми во ТВ дебата на државната телевизија ЕРТ.

Дискусијата се одржа по моделот на телевизиските дебати на политичките лидери во пресрет на парламентарни избори, кандидатите имаа конкретно време за одговарање на прашањата на двајцата новинари, можеа меѓусебно да си поставуваат прашања и да си реплицираат, а од тричасовната дебата не изостана и несогласувања, превирања за одредени теми.

Дебатираа за економскиот развој; социјалните теми, новите генерации и демографското прашање; за надворешната политика, одбраната и ЕУ; за државата, институциите, локалната самоуправа; за климатската криза, цивилната заштита и енергетска транзиција, како и за иднината на ПАСОК.

Во шест различни теми, шестмината кандидати за лидер на грчката опозициска партија ПАСОК на изборите што ќе се одржат на 6 и 13 октомври, синоќа ги претставија нивните ставови и позиции во ТВ

Претходните избори во Социјалистичката партија, која минатиот месец прослави 50 години постоење, се одржаа во декември 2021 година, а откако актуелниот лидер пред евроизборите како цел постави партијата да биде на втората позиција, цел што не беше постигната и партијата остана зад СИРИЗА, Андрулакис се соочи со силни критики од неговите сопартијци, а од состанокот на централниот комитет на крајот на јуни предложи изборите за претседател на партијата да се одржат на 6 октомври.

На парламентарните избори во јуни минатата година, ПАСОК освои 11,84 отсто од гласовите, а на евроизборите пред три месеци, исто така беше на третата позиција зад СИРИЗА со 12,79 отсто од гласовите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.