Доцнењето на ратификацијата на трите меморандуми со Македонија, според шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, не е поради внатрешните политички околности во Грција, туку поради „односите што се развиваат по Договорот од Преспа“, за кој уште еднаш повтори дека е меѓународен договор што не може еднострано да се смени и ги обврзува сите влади, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за надворешни работи на Грција, за време на неговото учество на Делфи економскиот форум, говореше за сите теми поврзани со грчката дипломатија, а одговори и на прашањето кога меморандумите ќе бидат ратификувани од Парламентот.

Објасни дека „ќе има напредок кога политичките околности ќе го дозволат тоа“ и ова, како што посочи, не се однесува на „внатрешните политички услови“ во Грција.

-Договорот од Преспа е меѓународен договор. Меѓународните договори кога се потпишуваат го надвладуваат секој друг закон. Не можат да се изменат еднострано и ја обврзуваат секоја Влада, па така ние, она што мораме да го сториме е да го следиме доследното спроведување на Договорот од Преспа и тоа го правиме. Кога ќе постои заедничко разбирање, заемно разбирање, кога ќе има ситуација на целосна усогласеност, овие меморандуми ќе дојдат за ратификација во грчкиот Парламент, истакна Герапетритис на панел-дискусијата.

Шефот на грчката дипломатија, говорејќи за регионот, уште еднаш ја повтори поддршката на Грција за ЕУ перспективата на сите земји од Западен Балкан, посочувајќи дека е потребно почитување на основните принципи како што е владеењето на правото, додека пак за односите со Албанија и за случајот со градоначалникот на Химара Фреди Белери истакна дека не станува збор за билатерално прашање, туку за европско.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.