Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека со американскиот сенатор Крис Марфи не разговарал за воведување санкции против Русија, но и дека Србија е под сериозен притисок од сите страни да се приклучи, јави дописникот на МИА од Белград.

Одговарајќи на новинарски прашања по одржување на воената вежба „Штит 2022“ во Батајница, Вучиќ оцени дека во тек е светски политички конфликт и дека Србија се соочува со неверојатни притисоци.

Тоа се сведува на многу софистицирани методи на закана и уценување на економскиот напредок или назадување на земјата. Во овие услови само барам луѓето да разберат и да видат колку државата се бори да зачува се што можеме од животниот стандард, кажа тој и додаде дека повеќе ќе зборува за воведувањето санкции против Русија на 6 мај.

Се што можам да ви кажам е дека Србија ги донесе своите заклучоци во Советот за национална безбедност. Нашата политика мора да биде политика на одговорност, што не е ниту едното ниту другото. Навистина не можам да зборувам за шпекулации за тоа кога некој ќе воведе санкции и дали некој ќе воведе санкции. Дури ни господинот Марфи (американски сенатор) не кажа дека јас зборував за тоа, а српските медиуми пренесоа дека само се чека кога ќе воведеме санкции. Ние разговаравме за сосема друга тема – истакна Вучиќ.

Претседателот на Србија на новинарско прашање се осврна и на информациите дека на фронтот во Украина се пронајдени српски мини.

Ние ги доставивме во некои други земји. Ги испорачавме во Полска. Од испораката на мини живеат неколку фабрики. Каде да го извезуваме оружјето и експлозивите? Тоа не е производство на балетски чевли, тоа е оружје. Не разбирам, што сакате од нас? Дали не обвинувате за тоа што ние сме единствената земја што нема да дава оружје на ниту една страна – кажа Вучиќ.

На прашањето на ТВ Н1, тој повтори дека неговиот разговор со сенаторот Марфи нема врска со санкции кон Русија.

Се работеше за еден конкретен и посебен проект. Не ми паѓа на памет да се правдам. Сметам дека би биле најсреќни доколку воведам санкции денес. Морални проповеди ми давате затоа што не сум изрекол санкции и што ќе ги воведам за два месеци. Замислете, уште два месеци. Па 120 дена да издржиме, една толку мала земја. Два месеци се далеку… Но тоа се однесуваше на нешто друго – тврди Вучиќ.

Тој порача дека на 6 мај повеќе ќе зборува за изјавата на Путин, кој го спореди признавањето на Косово со Доњецк и Луганск околу пресудатата на Меѓународниоот суд на правдатата.

Навистина ми е гајле за Американците, навистина ми е гајле за Русите и Европејците, и сам да останам на светот, ќе работам само за доброто на мојата земја – изјави Вучиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.