Директорот на српската Канцеларија за Косово и Метохија Петар Петковиќ, денеска изјави дека со вчерашното апсење на Лазар Јаниќијевиќ, косовскиот премиер Албин Курти продолжил со својот терор кон српскиот народ, додавајќи дека Курти дополнително е охрабрен да го напаѓа српскиот народ бидејќи меѓународната заедница му дозволила тоа, јави дописникот на МИА од Белград.

Петковиќ на прес-конференцијата рече дека вчера, додека „граѓаните на Косово и Метохија сакале да се простат на закопот на убиениот Србин од Бањска од својот сограѓанин Стефан Недељковиќ во Врњачка Бања“, косовската полиција го уапсила Лазар Јаниќијевиќ, како и дека ден претходно специјалната косовска полиција претепала тројца Срби кои отишле во шума по дрва, а во петокот косовската полиција упаднала во Клиничко-болничкиот центар „Косовска Митровица“.

Тој додаде дека Курти дополнително бил охрабрен да го нападне српскиот народ бидејќи меѓународната заедница му дозволила тоа.

Бараме КФОР и ЕУЛЕКС да бидат неутрални. Прашање до ЕУЛЕКС – зошто им беше забрането да присуствуваат на обдукцијата. Поминаа седум дена и ќе инсистираме на ова прашање, изјави Петковиќ.

Некој овде сериозно лаже и затоа е важно да се види извештајот, има многу лаги од Албин Курти, лажеа и за бројот на луѓе во Бањска – 30, 40, сега 90, па дека полицаецот е убиен во вкрстен оган, а сега дека настрадал од експлозив. Многу нелогичности укажуваат на тоа дека Приштина ги фалсификува фактите и затоа е јасно зошто ЕУЛЕКС беше одбиен да присуствува на истрагата – изјави Петковиќ.

Тој додаде дека до денес не добиле одговор ни на второто писмо до ЕУЛЕКС во кое бараат одговори на прашањата поврзани со обдукцијата.

Посебно за Бојан и Игор и начинот на кој беа убиени. Она што ни го кажаа нашите патолози врз основа на фотографијата на Бојан е дека влезната рана била во пределот на левиот очен капак, а излезната рана на десната страна на главата, што укажува дека е убиен додека лежел на грб – рече тој.

Според Петковиќ, јасно е дека Приштина цело време фалсификува факти и податоци во врска со настанот и обдукцијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.