Неприфатлива за Грција е логиката за употреба на уставното име во формална комуникација, но не и во јавни настапи, од претседателката Гордана Сиљановска Давкова, според портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис, кој на денешниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, посочи дека договорот мора да се почитува во сите формулации.

На прашањето на МИА, за соопштението од Кабинетот на претседателката околу употребата на името Македонија и уставното име, Маринакис рече дека кога станува збор за највисоката позиција, за позицијата претседател на државата, „за еден од столбовите на демократијата на една земја, не можеме да говориме за двоен јазик и лично право“.

-Мислам дека е лицемерно ова да се кажува и да се слуша. Односно за некои работи, каде што треба, ќе бидеме формални, а во нашите јавни настапи ќе го правиме она што сакаме или затоа што веруваме во тоа или затоа што ѝ служиме на нашата публика. Ова не може да биде прифатено од Грција, ниту од која било друга сериозна земја. Кога велиме дека треба да се согласиме дека треба да се почитува еден договор, затоа што таква е нашата обврска од фактот што е ратификуван овој договор, да го правиме тоа во сите наши формулации. Очигледно оваа логика не може да биде прифатена од Грција, истакна Маринакис

За трите меморандуми за соработка кои СИРИЗА вчера ги достави во грчкиот Парламент, владиниот портпарол рече дека е „еден од најнесфатливите потези на опозицијата“,

-Ниту еден грчки граѓанин не сфаќа на што му служи оваа постапка, зошто такво брзање. Од моментот кога претседателката на Cеверна Македонија не ја прифаќа основната, првата точка од Договорот, главната опозиција во Грција сака ние сè да направиме, сè да изгласаме, рече Маринакис и додаде дека доколку видат соодветна позиција од новата Влада, тогаш ќе влезат во конкретната дискусија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.