Министерот за внатрешни работи на Србија Александар Вулин соопшти дека претседателот Александар Вучиќ бил политичка цел на водачот на црногорскиот кавачки клан Радоје Звицер и дека Европол ја предупредил Србија дека атентатот е подготвен за првата половина на овој месец, јави дописникот на МИА од Белград.

Александар Вучиќ не е човек кој се занимава со криминал за да учествува во мафијашки судири, туку исклучиво се занимава со политика, кажа Вулин за време на гостувањето на ТВ Пинк.

Коментирајќи ја изјавата на претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, во која тој отфрли дека има некаква врска со наводите за убиството на Вучиќ, Вулин кажа дека Ѓукановиќ никогаш не бил спомнат во тој контекст, туку дека самиот „се препознал како шеф на Радоје Звицер“.

Во Црна Гора, која има нешто помалку гласачи од Нов Белград, никој не забележа дека се формирани двата најмоќни европски клана – Кавачкиот и Шкаљарскиот. Тоа не го забележаа ниту агенцијата за безбедност, ниту полицијата, ниту политиката. Звицер не би постоел да немаше политички шеф, изјави Вулин.

Тој додаде дека Радоје Звицер „ќе мора да бега и да се сокрива“, а да за тоа му е виновен Александар Вучиќ.

Зарем мислите дека политичкиот шеф не го гледа Александар Вучиќ како најголема пречка на Балканот. Вучиќ го уништи најмоќниот и најсуров клан во Европа. Од Европол кажаа дека се згрозиле кога виделе што работеле Вељко Беливук и Марко Миљковиќ – нагласи српскиот министер на полицијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.