Портпаролот на Европската Комисија (ЕК) во изјава за Еурактив вели дека Договорот од Преспа меѓу Грција и Македонија од 2018 година мора да биде спроведен од „сите страни“ и со „добра волја“ во услови на нова заострена реторика меѓу Атина и Скопје што се заканува да го оживее 25-годишниот спор.

 

Во меѓувреме, министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис говорејќи за грчко радио изјави дека Договорот од Преспа е меѓународен ратификуван договор и не може да се менува и да се ревидира еднострано.

Бриселскиот портал, потсетува дека „новата дипломатска криза“ меѓу двете земји избувнала откако новата претседателка на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, која доаѓа од „националистичката партија ВМРО-ДПМНЕ“, за време на нејзината инаугурација на 12 мај ја нарече земјава Македонија наместо Cеверна Македонија, официјалното уставно име по договорот за промена на името со Грција во 2018 година, инаку познат како Договор од Преспа.

 

 

„Инцидентот“, како што забележува Еурактив, предизвика реакции низ Европа и САД, при што многумина стравуваат од заживување на спорот кој се смета за отворена рана за балканскиот регион.

Европската комисија вели дека „сите страни“ треба да се држат до договорот.

„Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински за процесот на проширување. Постојните билатерални договори треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа меѓу  Македонија и Грција“, изјави портпаролот на Европската Комисија за Еурактив.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.