Албанскиот премиер Еди Рама рече дека кога го видел корупцискиот скандал „Катаргејт“, помислил дека кармата стигнала до претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.

Роберта, извини, морам да кажам. Кога се откри корупцискиот скандал, реков: Кармата е кучка, рече Еди Рама вчера на панелот „Политика“ во Давос.

Премиерот на Албанија тврди дека ЕУ бара повеќе од кандидатите за членство, како што е Албанија, отколку од нејзините земји членки, пренесува „Политико“.

Повеќе од половина од земјите членки на ЕУ сега не би можеле да се приклучат на оваа организација. Не зборувам за поранешните комунистички земји, туку и за државите основачи, верувајте ми, рече Рама.

Според албанскиот премиер, пристапниот процес на земјите кандидати за членство во ЕУ стана „неверојатно нефер и невротичен“ и значително се разликува од процесот низ кој помина Малта, родната земја на Роберта Мецола.

Европскиот парламент моментно е на врвот на корупцискиот скандал „Катаргајт“, а се сомнева дека странски влади, меѓу кои и Катар и Мароко, влијаеле врз работата на оваа европска институција.

Белгиската полиција уапси неколку лица поради „Катаргејт“, меѓу кои и грчката европратеничка Ева Каили и нејзиниот италијански партнер Франческо Џорџи, како и поранешниот италијански пратеник Пјер Антонио Панцери и Николас Фиго-Таламанка, генерален секретар на кампањата за владеење на правото.

Полицијата исто така запечати неколку канцеларии во Европскиот парламент и заплени најмалку 1,5 милион евра во готовина по, како што велат, едногодишната истрага во Европа за наводна корупција и перење пари.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.