Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, денеска изјави дека при потпишувањето на Указите ги користел уставните и законски овластувања, па затоа пред судот на БиХ може да се донесе само ослободителна пресуда во постапката против него и в.д директорот на „Службен гласник“, Милош Лукиќ, оценувајќи дека секоја друга пресуда би била политичка.

Јас сум убеден во ослободителната пресуда. Не вршам притисок, туку велам дека постапив во согласност со Уставот на Република Српска. Не го почитувам лажниот висок претставник кој не е признат од еден од потписниците на Дејтонскиот договор. Јас сум претседател на Република Српска, кој ја застапува и претставува, рече Додик на прес-конференција во Источно Сараево, по сослушувањето во судот на Босна и Херцеговина за постапката за „непочитување на одлуките на Кристијан Шмит“.

Тој наведе дека постапувањето во согласност со Уставот и законот „не било пречка за муслиманските судии и обвинители да покренат сè“, и повтори дека постапил исклучиво во согласност со дадените овластувања, пренесе Срна.

Република Српска е потписник на сите анекси. Ние сме еден од петте потписници и на анексот 10. Ние сме партија и имаме право да ги изразиме нашите ставови. Националното собрание соопшти дека Кристијан Шмит не е висок претставник бидејќи страните потписнички не именуваа никого, а тоа не го направи ниту Советот за безбедност со соодветната резолуција, посочи Додик.

Тој и денеска пред Судот на Босна и Херцеговина им се заблагодари на сите што му дадоа поддршка.

Им благодарам на сите од Нови Град до Требиње што одвоија време и енергија. Горд сум на нив“, рече Додик.

Пред Судот на Босна и Херцеговина во Сараево и денеска се собраа голем број граѓани од сите делови на Република Српска за да ги поддржат Додик и Лукиќ .

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.